Blog
РАЗВИВАЊЕ НА ФИНАТА МОТОРИКА КАЈ ДЕЦАТА
- April 24, 2020
- Posted by: Nina Popadinova
- Category: БЛОГ

Развивањето на фината моторика е важно за целокупниот развој на децата. Поимот фина моторика се однесува на малите движења на раката, прстите на рацете и нозете, јазикот и ситните мускули на лицето. Сепак, кога се зборува за развивање на фината моторика, обично фокусот е на движењата на раката и прстите на рацете.
ЗОШТО ЗА ТОА СЕ ЗБОРУВА И ЗОШТО Е ВАЖНА ДОБРО РАЗВИЕНАТА ФИНА МОТОРИКА?
Децата кои немааат добро развиена моторика се мачат со задачите кои вклучуваат користење на ситната моторика на прстите и рацете како што е пр. пишувањето. Детето кое не е во состојба да држи молив на начин кој овозможува непречено пишување, се фокусира на проблемот кој го има со држењето на моливот, наместо на самото пишување и со тоа многу губи.
Истражувањата покажаа дека постои силна врска меѓу развиеноста на моториката на раката и прстите со развојот на говорот кај децата. Развиеноста на едното е пропорционална со развиеноста на другото. Кога заостанува развојот на фината моторика, заостанува и развојот на говорот, иако секако има и исклучоци.
Значи, активното дете кое повеќе оди, трча, скока, се качува и се провлекува, поради развиената груба моторика има побогато спознание за светот и потребни му се зборови со кои ќе го изрази своето искуство, па ќе пронајде и нови. Детето кое се занимава со активности за развој на фината моторика, ќе го доживее светот околу себе и со сетилото за допир, па преку сопственото искуство ќе научи што е тешко, лесно, мало, големо, мазно, меко, рапаво, ладно, топло… Што всушност е поголема интеракцијата на детето со светот кој го опкружува, ќе биде поголемо и неговото животно искуство, а со самото тоа и побогат ќе биде речникот со кој детето ќе се изразува и ќе ги дели своите искуства со нас.
Игрите со прстињата, каде со изговарање на стихови, отвараме прст по прст и малку го ротираме врвот, сложување на коцки и сложувалки, моделирање со пластелин и цртањето постојат токму за да го поттикнеме развојот на фината моторика кај децата. Сето тоа ќе му овозможи на детето без проблеми да го совлада пишувањето, врзувањето врвки на чевлите, сечење со ножици и друго.
За развојот на фината моторика не ви требаат скапи материјали, играчки и сл. Се што имате во кујната, во куќата може да биде од корист – лажици, штипки за алишта, празна амбалажа, пинцета, хартија, ножици…
А, ЕВЕ И НЕКОЛКУ ИДЕИ:
- Два помали сада и малку тестенини за супа, како што се букви ќе овозможат забава од која детето има корист. Во едниот сад ставете малку од тестенините. Детето нека ги зема една по една и нека ги префрла во другиот сад.
- Земете празно пластично шише и дајте му на детето цевки да ги става внатре.
- Нижење на бисери/мониста на конец.
- Шиење на картон – на картонот со шило направете дупчиња во различни форми, на пример основните – круг, квадрат, триаголник и сл. Купете поголема игла и вденете волница, па покажете му на детето како се шие (оваа активност е погодна за деца над 4 години).
- Од картон можете да направите и модел на чевли и да направите дупчиња, а потоа ставете врвки за чевли, па детето може да ја вежба и оваа вештина.
- Дајте му ја не детето својата блуза/кошула со многу копчиња да ги откопчува и закопчува.
- Во подлабок сад ставете малку брашно или палента. Детето на нив може да шкрта, црта или пишува со прстињата.
- Наполнете сад со ориз или палента или нешто слично што имате дома. Детето нека ги стави рацете и нека си игра со содржината.
Добро развиената фина моторика на дланката му овозможува на детето, кога ќе тргне во училиште, да може да се сконцентрира на задачата која е поставена пред него. Така, нема да троши време и труд правилно да го држи моливот и со него да манипулира, што ќе му донесе подобри резултати. Вештината на врзување врвки и користење на нож и вилушка за време на оброците кај детето ќе предизвикаат самодоверба и гордост. Затоа, вклучете некои интересни и забавни активности во вашите денови. Детето ќе се забавува, но и ќе стекне вештини кои за секогаш ќе му бидат од корист.